Доколку спортуваш поцинкувај

Цинкот има важна улога во функционирањето на некои жлезди, особено на репродуктивните и простатата (каде што е особено присутен). Ја регулира функцијата на лојните жлезди и спречува создавање на акни. Учествува во синтезата на протеините и колагенот и го засилува дејството на имуниот систем и заздравувањето на раните. Го штити црниот дроб, овозможува и регулира многу ензимски реакции.
Учествува во многу метаболни процеси и создавањето на хормоните тестостерон и инсулин, односно она што во спортот претставува столб. Без доволно количество на цинк во крвта се зголемува присуството на кортизол, кој е главната причина за имуносупресија. Од друга страна цинкот преку создавањето на тестостеронот учествува во зголемувањето на мускулната маса.
Своето дејство го искажува и преку стимулација на синтезата на точно определени протеини преку ДНК. Воедно со своето присуство во организмот го оневозможува продирањето на тешките метали (олово, кадмиум).
Намалувањето на цинкот се забележува при губење на течноста од организмот (потење, диареа, повраќање). Бидејќи цинкот се исфрла преку потта од организмот, спортистите треба да го внесуваат редовно. Со обилно потење може да се загубат и до 3 мг цинк.
Преку создавањето на ензимот супероксидодисмутаза учествува во одстранувањето на слободните радикали и дејствува како антиоксидант. Цинкот ја регулира ресорбцијата на витаминот А.
Недостатокот на цинк се манифестира со акни, успорена сексуална зрелост, замор, губење на коса, висок холестерол, немирен сон, импотенција, појава на проблеми со простатата и панкреасот, бавно зарастување на рани, и отежнета мускулна функција.
Иако дневните потреби на овој минерал се 15 мг на ден, потребата на професионалните спортисти е далеку поголема. На спортистите им е потребна оптимална диета за да бидат во можност да го добијат цинкот во доволни количини или дозирана суплементација која ќе обезбеди од 20-40 мг цинк и тоа во хелат или пиколинат форма. Супллементот може да биде чист или во склоп на други минерали, ензими, аминокиселини или витамини (пример ZMA).
Доколку редовно внесувате поголеми количини од 25 мг дневно за да има правилен сооднос помеѓу цинкот и бакарот додадете и 1-2 мг на бакар затоа што со долготрајно внесување на цинк се намалува апсорпцијата на бакар во телото.
Во храната тој е присутен во црвеното месо, јатките, рибата и морските плодови, семките од тиква и сончоглед и јајцата.