Прерана специјализација во спортот


Тудор О. Бомпа еден од најголемите светски експерти во оваа област, јасно укажува на потребата од системски, постапно и општо(сеопфатно) развивање на спортистите како неопходен пат кој треба да се помине, за да се постигнат врвни резултати. Според тоа Бомпа има направено периодизација на тренингот. Таа е поделена на : Општ и Специјализиран развој.
Општиот развој e од 8 до 14 годишна возраст. Овој период е поделен на иницијација (8-10 годишна возраст) и обликување на спортистот (11-14 годишна возраст).
Специјализираниот развој започнува од 15 години. Тој е поделен на: специјализација (15-19 годишна возраст) и врвна изведба (над 20 години).
Оваа поделба важи скоро за сите спортовите, но возраста за почеток на општ развој и специјализација е различна. Така во уметничкото лизгање, пливање, скокови во вода, ритмичка гимнастика и некои слични спортови каде што е потребна флексибилност, координација и брзина на изведување на поедини движења, општиот развој трае од 6-9 година, специјализацијата од 10-12година, а додека врвни резултати можат да се постигнуваат после 13 годишна возраст.
За разлика од овие спортови каде што треба порано да се започне со општиот развој и специјализацијата, постојат и спортови каде се започнува покасно. Такви спортови се атлетските дисциплини: фрлање ѓуле, трчање на средни и долги патеки, потоа скијачко трчање, велосипедизам, борење и други спортови каде доаѓа до израз силата и издржливоста.
Од ова можеме да заклучиме дека прво се развиваат, флексибилноста, рамнотежата, координацијата, потоа, брзината, а последни се развиваат силата и издржливоста. Неизбежно е да се запази овај редослед на развивање на поедините моторни способности за да се постигнат врвни спортски резултати.
Почетокот на општиот и специјализираниот тренинг зависи и од биолошката возраст во однос на хронолошката возраст. Така некои деца можат да имаат напредна, а други назадна биолошка возраст. Од големо значење е тоа да го забележи тренерот и според тоа да направи соодветен тренинг план.
Карактеристично за прераната специјализација е брзиот напредок кој придонесува до :
- Најдобрите резултати се постигнуваат на возраст од 15-16 год.
- Нестабилност на натпреварите.
- Околу 18 година голем број од спортистите го напуштаат спортот.
- Подложни се на повреди поради присилното прилагодување.
Систематскиот развој се карактеризира со бавен напредок:
- Најдобрите резултати се постигнуваат после 18 годишна возраст, односно во време на телесна и психолошка зрелост.
- Стабилност на натпреварите.
- Долготрајно активно спортување.
- Помал број на повреди
Тренингот на младите спортисти од повеќе причини треба да зазема посебно место во спортската припрема, затоа што тој тој е клучен за понатамошниот развој. Поради тоа потребно е повеќегодишно и планско развивање на секоја моторна способност. Со таков континуиран развој ќе се минимизираат можностите за повреда и застој во спортскиот развој, а со тоа максимално ќе се искористи потенцијалот на спортистот.