Витамин за Вид-амин

Основни карактеристики
Витаминот А претставува генерички термин кој опфаќа група на липосолубилни антиоксиданси способни и потребни за бројни функции во организмот. Постојат два облика на витаминот А, функционален витамин А познат уште и како ретинол и провитамини А односно каротеноиди кои повеќе се застапени во растенијата. Каротеноидите иако се сосема друга група на соединенија тие можат во одредени ситуации (дефицит) да бидат претворени во активен витамин А па затоа се викаат и провитамини.
Овие антиоксиданси се апсорбираат во горните партии на тенкото црево во присуство на масти (липосолубилни витамини), а резервно се чуваат во црниот дроб во форма на естери. Резервите се доволни за една до две години кај повеќето возрасни луѓе.
Функција
Ретиналот, односно оксидираниот метаболит на ретинолот е потребен за процесите на визуелизација. Рецепторните клетки во ретината на окото, стапчињата и чепчињата, содржат фотосензитивен пигмент односно фоторецепторен протеин родопсин во чии што состав влегува ретиналот. Доколку витаминот А, односно ретиналот е во дефицит родопсинот не е во можност да се продуцира и последователно настанува состојба наречена ноќно слепило.
Витаминот А исто така е важен за одржување на влажноста на конјунктивата со што го штити окото од инфекции. Затоа капките со витамин А се покажале како ефективен третман на специфични воспаленија на окото.
Во комбинација пак со други антиоксиданси како витамините C и Е тој игра улога во превенцијата на старосното поврзаната загуба на видот. Според AREDS (Age-Related Eye Disease Study) студијата, луѓето што ги примале препорачаните дневни дози на гореспоменатите антиоксиданси имале 25% помалку шанси за старосно губење на видот.
Дневни потреби и хранителни извори
И како во сите останати случаи, најдобриот начин на внесување на овој витамин е преку исхраната. Тој е составен дел на црниот дроб, црвените пиперки, морковите, зелената салата, тиквата и сувите кајсии.
Дневните вредности за овој витамин се 5,000 IU (интернационални единици), а најдобриот животински извор на овој витамин е џигерот кој на 100g просечно содржи дури 75,300 IU што е извонредна количина. Вегетаријанците пак може да ги задоволуваат своите потреби од растителните продукти богати со бета-каротен.