Вести

Следете ја Тина Нестороска на Трансконтиненталната трка со велосипеди

 

Трансконтиненталната трка претставува еден од најголемите велосипедски предизвици во светот каде учесниците целосно самостојно и самоодржливо – без надворешна помош е потребно да изминат низ однапред дефинираните контролни точки кои секогаш се поставени од еден до друг крај на Европа. Стартот и финишот секогаш варираат, но и секогаш минуваат и поврзуваат некои од најживописните и најинтересни предели низ континентот, а изборот на рута е оставен на учесниците, се додека се минат зададените контролни точки.

Правилата на игра се прилично едноставни и јасни. Потребно е од старт до финиш учесниците да минат низ определените контролни точки, да немаат помош од дополнителна екипа, односно да бидат целосно самоодржливи, да имаат валиден гпс запис и се разбира, за движењето да го користат единствено велосипедот и ниедно друго превозно средство.

Досега од нашата држава на оваа трка имаат учествувано Тина Нестороска и Горан Арсовски во 2017 година, а оваа, учество повторно зема нашата Нестороска.

Рутата оваа година е долга околу 4200 километри со старт од Бургас, Бугарија, минувајќи низ споменикот Бузлуџа на Балкан Планина, Врањска Бања (Србија), Пасо Гардена (Италија), Алпе дХез (Франција) и финиш во Брест. Бургас, претпоставуваме знаете каде е, а доколку не знаете каде е Брест, тогаш отворете мапа и разгледајте каква дијагонала возат дечкиве и девојкиве.

Екипата од Педала на нивната ФБ страна прави редовни ажурања на статусот на Тина и останатите возачи на трката, слободно можете да ги следите. Засега Tина се наоѓа некаде пред Врањска Бања, a лидерите се некаде во Хрватска. Нејзиниот број е 224, а на следниот линг можете да ги следите и „во живо” ГПС движењето.

← Назад кон архивата