Димитри Волошин со истрчани 50 километри на -60°C


На екстремната трка или подобро кажано експеримент кој се одржа во регионот Оимјакон во крајните сибирски делови на Саха – Јакутиа, овој викенд на 14 јануари Молдавиецот Димитри Волошин успеа да истрча рекордни 50 километри на просечна температура од од -60°C. Според метеоролозите, температурата заедно со т.н. wind chill фактор достигнувала до -67°C.
Димитри ги истрча 50-те километри за 6 часа и стана првиот човек кој успеал да истрча толку долга дистанца на екстремно ниски температури.
На 5 јануари, во селото Оимјакон се одржа првиот атлетски интернационален настан во екстремни услови со пет трки на дистанци од 5 до 42 километри. За време на трката никој не успеа да ја мине маратонската делница на просечните -48 °C. Единствено аматерот Илија Пестерев испеа да дојде до 38-от километар за 3 часа и 53 минути.

Ова не е прв сличен подвиг на Молдавиецот. Во април 2018 тој учествуваше на маратон на Северниот Пол каде заврши втор со време од 5 часа и 3 минути. Досега тој има учествувано и на Маратон де Сабл во Сахара, има завршено Ајронмен, го има препливано Гибралтар а и нурка без дополнителен кислород каде најдобро време под вода му изнесува 6 минути и 30 секунди.
Интересно е тоа што Димитри подвизите ги прави за да покрене свесност и да собере хуманитарни средства за лекување на деца со церебрална парализа, а главната цел на неговиот проект Unfrozen е помагањето на 4-годишната Ева Писменјук
„Ова беше најтешкиот тест во мојата спортска кариера. Тоа е како да трчаш во вселената, студот е екстремен, а воздухот тешко се дише. Ниедна опрема не може да те спаси од мразот. Беше многу тешко да се дише, многу малку кислород се добива при дишењето, а маската скоро целосно замрзнува. Нуркањето без кислород дефинитивно ми помогна во овој подвиг.” – изјави Димитри кратко по трката.
Во селото Оимјакон кое се наоѓа во овој регион се измерени рекордни -72 Целзиусови степени, а просекот во зимските периоди е под -50. Минатата зима на 11 февруари Симоне Моро и Тамара Лунгер го направија првото зимско искачување на врвот Победа кој се наоѓа во овој регион. Единствено место каде е измерена пониска температура на планетата е Антарктикот.