Успешно спроведена зимска школа за планинарење од ПСК Макпетрол


Зимската школа организирана од ПСК Макпетрол се одржува веќе неколу сезони за ред каде луѓето имаат можност да се запознаат со некои теоретски и практични основи на зимското планинарење. Целта на оваа школа е да се овозможи запознавање на што повеќе планинари со основата на зимското движење во планина, потребната опрема и знаење, но и повторување и вежбање на одредени елементи со што би се зголемило нивото на безбедност во нашата планинарска средина.
Работени беа теми од областа на основна опрема и облека за зимски услови, лична техничка опрема и користење на истата, самоспасување со помош на цепин, одење со дерези и дрезги, избор на патека на движење, одење во наврска итн.
Настанот беше бесплатен и отворен за сите пријавени, а оваа година заинтересираноста беше на високо ниво со околу 100 планинари од различни градови низ Македонија, но и околните држави како Косово и Албанија.
Предавањата и демонстрациите ги држеа водичите на ПСК Макпетрол кои се УИАА лиценцирани водичи во планина (од различни категории) при ФПСМ.


