Вести

Македонска екипа на Ултра Треил ду Мон Блан 2018

width=635

Што е УТМБ?

Ултра Треил ду Мон Блан претставува една од најпознатите и најпрестижните трки во планинско и ултрамаратонско трчање на светско ниво. Истата се смета за неформално светско првенство во ултрамаратонско планинско трчање каде на 6 различни трки учествуваат преку 8000 тркачи од повеќе од 98 држави како и најелитните натпреварувачи.

Настанот е своевиден светски празник на планинското трчање, спортот и рекреацијата и авантуризмот кој се одвива во текот на цела недела на крајот од август секоја година во Шамони – центарот на планинскиот туризам во Алпите. Манифестацијата се состои од 6 трки со различни должини и тежини кои почнуваат од различно место околу масивот на Мон Блан, а сите финишираат во Шамони.

width=600

Покрај трките PTL (330km), TDS (120km), CCC (100km), OCC (51km), детската трка YCC (15km), круната на настанот е UTMB – трка во должина од 171 километар кој се смета за една од најпознатите во светот.

Самата трка е уникатна и единствена бидејќи нејзината патека минува низ три држави – Франција, Италија и Швајцарија, а преку многуте планински врвови, превои и патеки таа комплетно го заобиколува масивот Мон Блан. Стартот и финишот се во центарот на Шамони, а се минува и низ гратчињата Кормајер и Шампе Лак.

На оваа трка секоја година учествуваат 2500 учесници кои имаат 46 часа за да го направат овој подвиг. Меѓу овие учесници оваа година ќе се најдат и петтемина членови на тимот Трекс/ПСД Макпетрол: Жикица Ивановски, Александар Симјаноски, Игор Јовановски, Игор Пирковски и Никола Цицоски. 

width=635

Техничките спецификации на трката – должина од 171 километар и висинска разлика од 10000 метри качување и спуштање говорат за екстремноста и тежината на патеката, како и за потребното ниво на спремност, издржливост и мотивираност на учесниците, а временските услови кои знаат да бидат непредвидливи може да допринесат до најразлични сценарија – од дожд, снег и ниски температури до навистина жешки услови со кои учесниците мора да се справат.

title=Јовица

Македонско учество на УТМБ

Досега од нашата држава може да се каже дека имаме релативно мал број на учесници и финишери на оваа позната и атрактивна трка. Причините се повеќебројни: потребно е навистина високо ниво на психо-физичка спремност за некој воопшто да се нафати да го помине овој ултрамаратон, истиот бара собирање на одреден број на поени за квалификација – овие поени се собираат со учество на други светски ултрамаратони пред апликација за УТМБ. Тука се и финансиските фактори – за подготовките, опремата, учеството и целокупниот аранжман се потребни завидни финансиски средства.

width=600

Досега на УТМБ имаат учествувано само пет Македонци од кои три ја имаат финиширано целата патека:

2012 година – Трајче Панковски и Жикица Ивановски (скратена трка поради лошо време)
2014 – Светлана Стојановска – прв женски финишер, Жикица Ивановски и Јовица Јованчев – први финишери
2017 – Дејан Крле – не успева да ја заврши трката поради настинка
Од овие петмина, единствено екипата во 2014 година ја минува цела оригинална патека и ја финишира трката.

Оваа недела ќе се обидеме да пренесеме дел од атмосферата од настанот а повеќе информации истотака може да следите и на следниот Фејсбук настан. 

Трката стартува на 31.08.2018 (петок) во 18:00 часот. Повеќе информации за истата може да пронајдете на официјалниот веб-сајт каде истотака ќе имате можност да ја следите трката во живо. 

width=635

← Назад кон архивата