Вести

Килиан Жорнет го урна 36-годишниот рекорд на стазата „Боб Грахам”

title=Боб

Кругот на Боб Грахам е една од најстарите и најпознатите планинарски рути (трансверзали) во Англија што претставува конектирање на 42 околни врвови во националниот парк Лејк Дистрикт на северозападот од Англија.

Историјата на трансверзалите во овој предел датира уште од 1864 година кога извесен Рев Елиот направил качување на околните врвови од долината Вестдејл за 8,5 часа. Во подоцниот период следеле слични подвизи на некои локални фаци, но за вистински историски момент се смета кога во 1932 година, 42 годишниот хотелиер од гратчето Кесвик по име Боб Грахам, успева да ги поврзе сите повисоки врвови и ридови (42 на број) од оваа област во една единствена патека со старт и финиш во Кесвик за 23 часа и 39 минути. 

title=Врвовите

Трансверзалата е долга 106 километри (66 милји) и иако истата не оди на голема височина, во текот на сите 42 врвови се акумулира висинска разлика од огромни 8200 метри. Згора на ова, тука се и другите потешкотии кои потекнуваат од самата природа и опкружување кое во најголем дел е каменесто со стрмни и диви предели, а во најголем дел и со отсуство на патека.

Рутата на неколку локации ги пресекува главните патишта во областа, нешто што овозможува да се дојде до логистичка поддршка за храна, течности и поткрепа, а уште во 1932 година при првото минување, Боб Грахам знаел дека подвигот нема да може да го исполни сам, па затоа викнал неколку пријатели за поддршка. По завршувањето, тој за прв пат го воведува терминот pacer („пејсер” – pace во превод значи темпо, а pacer – човек што ти помага во држење на темпото). 

width=635

Поради самата природа и тежина на трансверзалата, а и поради следниот воен период, минале скоро 30 години додека патеката не видела подобрување на времето од страна на Алан Хитон од Клејтон успева да заврши за 22 часа и 18 минути. Во следниот период патеката се здобива со се поголема заинтересираност од локалците, а во 1972 година се формира клубот „Боб Грахам 24” каде се впишуваат оние кои ги искачиле тие 42 врвови (или повеќе околни) за помалку од 24 часа. Рекордот во клубот изнесува 77 искачени врвови за 24 часа. 

Нешто што до овој викенд, цели 36 години стоеше нечепнато, а од многумина и беше сметано за невозможно за победување, беше рекордот на оригиналната патека кој го има поставено Били Бланд на 19 јули 1982 година со време од 13 часа 53 минути. Били Бланд своевремено претставува еден од најдобрите атлетичари и планински тркачи во Англија, а во летниот период 1982 успева да го заврти целиот круг за дотогаш непоимливо време. 

width=635

Оваа временска рамка стоеше цели 36 години додека овој викенд еден од најдобрите светски тркачи Килиан Жорнет не успеа да го сруши рекордот за дури цел час трчајќи со време од 12 часа 52 минути. Она што е уште поинтересно е тоа што пред три месеци шпанецот заработи скршеница на ногата која како да не го оддалечи од неговата форма, за тој да се врати со одличен настап на трката Алања – Монте Роса – Алања, но и со победа на маратонот на Мон Блан.

После овие два настапи следеше обидот за Боб Грахам кој за почеток не беше следен со голема медиумска застапеност, но откако се виде дека Килиан ја зголемува временската разлика од рекордот, целиот Лејк Дистрикт и атлетската јавност во Англија и светот го свртеа вниманието. 

title=Били

Сепак, за огромна почит е и претходното време на Били кое е поставено во период кога може да се каже дека не се знаело скоро ништо за овој тип на атлетски подвизи, за исхраната и тренинзите. Били Бланд на негови 70 години го извозе својот велосипед до одредена точка од патеката за да го поздрави Килиан, а истотака тој го чекаше на финишот за да му честита. 

„Благодарам Били, јас имав подобри услови и подобри „пејсери” од тебе, но и твојата инспирација за да го дадам максимумот! И покрај сето ова, подвигот беше тоооолку многу тежок!!” – изјави Килиан. 

Женското најдобро време на патеката го држи Јасмин Парис со 15 часа и 24 минути поставен во 2016 година. Досега, околу 2000 луѓе ја имаат поминато патеката.

← Назад кон архивата