Флора-фауна

Дека-Ајронмен – објаснет од најмладиот женски финишер

width=635

Во август оваа година 22-годишната Лаура Кноблах од САД успеа да се запише во историјата како најмладата девојка која успеала да заврши еден дека-ајронмен – ултратриатлонска дисциплина која опфаќа врзување на 10 фул ајронмени. 

Што е „Дека Ајронмен”

Тоа е врста на екстремен ултратриатлон каде натпреварувачите во одреден временски период се обидуваат да изминат (испливаат, извозат и истрчаат) дистанци на 10 ајронмени заедно – односно вкупно 38 километри пливање, 1800 километри велосипед и 422 км трчање. 

Конкретно настанот каде настапуваше Кноблах беше т.н. „Швајцарска Ултра” која се одвива во Бухс, Швајцарија, а истиот има лимит од 14 дена за комплетирање. Во настанот постојат и други категории каде дека-ајронменот е распореден на 10 дена (по еден во ден), како и има трка во 5 засебни денови. 

Иако младата Лаура претходно имала одлични искуства со повеќе маратони, двојни и тројни ајронмени, сепак десетката е нешто сосема поинаку. Во подолниот текст таа раскажува за одделните партии од трката: 

width=635

Пливање 

„Дехидрирана и потполно истоштена седев во кабината за туширање и не бев сигурна дали воопшто ќе можам да ги облечам панталоните. Само што испливав 38 километри и не знам како ќе успеам да продолжам.” 

Пливањето е првата партија од ултра-триатлонот. Учесниците имаат 25 часа за да ги комплетираат 750 кругови по 50 метри. Лаура овој дел го заврши за 19 часови. 

width=538

Велосипед 

По неколку часа одмор време беше за старт на возењето велосипед. Овој сегмент се состоеше од 200 кругови долги 9 км крај реката Рајна. Должината од 1800 километри и одзема многу повеќе време на младата Американка. 

Таа возеше велосипед по околу 270 километри на ден честопати во борба со заморот и со заспивањето буквално на волан. Сепак, ова и беше нејзина најсилна страна па затоа нејзиниот план беше да пртисне и да го заврши колку што може побргу за да има доволно простор за следните х10 маратони. 

width=635

Трчање

Со една недела до завршување на лимитот, Лаура го започна трчањето на 422 километри долгата дистанца или околу 330 кругови долги околу 1,25 км. Круговите (за трчање и велосипедизам) се направени непосредно блиску од старт-финиш зоната како би се имала полесна логистика за натпреварувачите – храна, пијалоци и помош. 

Транзицијата помеѓу велосипед и трчање Лаура ја поднесе далеку полесно отколку првата. Првите неколку дена таа одеше со споро темпо (повеќе одење) паралелно со слушање на музика, аудио-книги како и телефонски разговори за дигање на моралот. 

На третиот ден таа почна да трча за на крајот да успее успешно да го заврши ова долго и напорно натпреварување. „Ваквите настани целосно те раслојуваат и те доведуваат во можност навистина да се погледнеш себеси” – вели Лаура. 

width=635

Таа заврши за вкупно време од 320 часа 40 минути и 30 секунди и од пријавените 4 жени таа беше последна, но сепак и најмлада која успева да заврши ваков ултратриатлон. 

На натпреварувањето учествуваа и уште 12 мажи, а првото место го освои Унгарецот Ференц Сизони со време од 219 часа 7 минути и 12 секунди. Интернационалната Ултратриатлон Асоцијација е одговорна за раководење на овој тип на ултра-натпреварувања и тестови на издржливост, а низ светот веќе постојат се повеќе вакви трки и се повеќе луѓе кои сакаат да се испробаат. 

Колку за информација, ова не е најдолгата дистанца во ултра-триатлоните. Постои и дабл-дека како и трипл-дека. 

Повеќе за искуството на Лаура читајте на нејзиниот личен блог. 

Ова е нејзиниот Инстаграм

← Назад кон архивата