Гладен си, ама не за храна


Времето во кое живееме прави сè повеќе и повеќе да бидеме несвесни за природните потреби на нашето тело па оттаму и се помалку успеваме да се соочиме и справиме со сигналите кои нашето тело ни ги испраќа на секојдневно ниво. Наместо тоа, најчесто посегнуваме по најлесното решение а тоа е она што ни е на дофатот на раката и најчесто е поврзано со храна.
Ова е текст кој не осудува, туку има за цел да потсети како и на кој начин да ги препознаете овие сигнали и на полесен начин да го избегнете прејадувањето и проблемите со прекумерната тежина. Препознај го гладот, но не оној за храна.

Вода
Човековото тело е речиси 80% вода. Сите процеси за нормално функционирање се поврзани со оптималното количество на вода во нашето тело. Во текот на работниот ден, а посебно ако во истиот тој ден сте имале и некаков вид на тренинг, вашето тело има зголемена потреба од вода. Но, заради концентрацијата која ја посветуваме на нашите работни оврски и притисокот врзан за професијата, многу често не одговараме на повиците за вода кое нашето тело ни ги упатува.
Кога веќе е прекасно за хидратација, вашиот ум почнува да упаќа сигнали за глад за да добие одредено количество на течности преку храната. Со други зборови, гладта често е маскирана потреба за вода. Затоа во никој случај не смеете да ја игнорирате жедта. Секогаш имајте чаша вода во ваша близина и хидрирајте го вашето тело.
Сон
Да бидеме искрени, колку често имате потреба од дремка за време на работниот ден? Дали спиете осум часа дневно? Сонот е еден од клучните фактори за нормално функционирање на човекот. Недостатокот на сон има директно влијание врз зголемување на апетитот и тоа заради дисбаланс на хормоните Лептин и Грелин. Грелинот е хормон кој е задолжен за да сигнализира глад и да стимулира апетит, а пак Лептинот е хормон кој ни уксжува кога сме сити. Недоволниот сон докажано ја зголемува количината на Грелин и ја намалува количината на Лептин. Тоа пак значи дека ќе имате честа потреба за јадење и постојано нема да се чувствувате дека сте целосно сити.

Релаксација
Слично на недостатокот од сон, стресот на секојдневието и недоволното време за себе и време поминато во релаксација, прави хормонска нерамнотежа во нашиот организам. Кога сме изложени на стрес и нервоза кои не се гаснат или се репетитвни, нашето тело лачи зголемени количини на Кортизол. Кортизолот е хормон кој е задолжен за повеќе функции, но една од нив е манифестиција на зголемен апетит и складирање на енергија која не е непходна (масни наслаги).
Речиси идентичен процес настанува и при емотивна нестабилност или неисполнетост. Кога се чувствувате депресивно, разочарано, нервозно, кога ви е досадно и слично, нивоата на Серотонинот (Хормонот на среќата) значително опаѓаат. Храната е една од можните опции да го зголемите неговото ниво.