Squat press – една од најдобрите вежби за целото тело


Squat Press (некаде сретнати како thrusters – трастери) е комбинирана вежба со тежини која во себе ги поврзува чучнувањето и исфрлувањето на тежина преку глава. Редовното изведување на оваа вежба ќе ги зголеми сила на вашите рамена и раце, ќе ги зајакне главните мускули на нозете и ќе ги зголеми вашата мобилност, флексибилност, баланс и севкупната психомоторност на целото тело. Може да се изведува со било каква опрема која ја поседувате или пак да импровизирате со било која тежина која ви е при рака. Најчесто користени се еднорачните тегови, но истиот ефект би го имала и права шипка, руско ѕвоно или пак бугарска вреќа.
Како се изведува?
Најдобра варијанта на вежбата е кога се изведува со еднорачни тегови или руско ѕвоно. Одберете тегови кои соодветствуваат на 10% од вашата телесна тежина (доколку сте почетник започнете со помала тежина и полека напредувајте). Земете тегови и застанете во исправена позиција, при изведувањето на вежбата внимавајте вашиот рбетен столб да биде во исправена, природна позиција. Squat press-от треба да се изведува споро и контролирано.
- Земете тег во секоја рака
- Стапалата поставете ги во проекција на рамената.
- Подигнете ги теговите во висина на рамена.
- Почнете да се спуштате во позиција на чучнување, градите нека бидат поставени високо и напред. Свиткајте ги колената додека вашата задна ложа не биде паралелна со подот.
- Почнете да се враќате во првобитната позиција , завршувајќи со исфрлување на теговите над глава. Позицијата на теговите над глава треба да биде во проекција за нијанса пред вашите уши
Направете по 5 повторувања во 10-15 серии.
Придобивките од оваа вежба се повеќекратни. Покрај тоа што ќе ги развиете мускулите на рацете, рамената, грбот, колковите , стомакот и нозете, оваа вежба важи исклучително добра во согорувањето на калории. Заради употребата на нозете и дополнителна тежина, таа има одличен анаболичен стимулативен ефект врз вашето тело, што е една од причините зошто е толку застапена во силовите тренинзи на речиси сите спортови.