Вести

Замина рекордерот кој тренираше на гробишта

width=635

Ед Витлок е името на стариот дедо, поранешен рударски инжињер кој во неговата долга маратонска кариера успеа да постави исклучително голем број на сериозни резултати во поглед на маратонското трчање, особено на стара возраст т.е. во мастерс категорија.  

Роден како Британец кој отишол да живее и работи во Милтон, Онтарио, близу Торонто, со трчањето тој започнува доста касно, некаде на 46 годин откако решава да му се придружи на неговиот помлад син во омилениот спорт. Оттогаш па се до неговата длабока старост тој има истрачно околу 40-тина маратони, што не е некоја голема бројка, но голем дел од овие се направени на таква возраст и со такво време што се далеку пред било кој може само да помисли да ги направи. 

width=635

Еден од поважните резултати на Ед е симнувањето на маратонското време на маратонот во Торонто под 3 часа (2:54:48) за човек во 70-тите години (негови 73) од неговиот живот што претставува исклучително тежок потфат и засега тој се уште е единствен човек со тоа достигнување. Според некои статистики, ова време адаптирано на помлада верзија од Ед би значело и маратон од 2:04:48 односно неколку минути поспоро од светскиот рекорд. 

Во 2013 тој го постави и најдоброто време на една милја за човек со над 80 години, а последниот од маратонската рекордерска серија беше на негови 85, една година пред да почине, каде успеа да истрача маратон под 4 часа (поточно за 3:56:34) со што се чини дека сериозно го запечати и неговиот најтежок подвиг. 

width=635

Во интервју пред неполна година тој изјави дека целата негова маратонска кариера тренира сам, не следи некој којзнае каков режим на исхрана туку јаде тоа што му се јаде, не се истега (освен пред трка), не оди на масажи, трча на гробиштата близу неговата куќа каде набројува доста позитивни страни од трчањето на гробишта, а на маратоните трчаше со неговите излитени ретро патики кои на последниот маратон на неговите 85 беа околу 15 години стари. 

Во текот на неговите најдобри маратонски години тој беше подложен на бројни физиолошки тестови, а некои од научниците изјавија дека тој е чудо на природата. Ед почина поради проблеми од рак на простата, оваа недела на 13 март на негови 86 години во Торонто. 

← Назад кон архивата