Флора-фауна

Интервју со активниот тазе венчан фит пар Елена Бубало и Атанас Михајловски

width=635

К4Т – Како започна вашата љубовна приказна, спортски или порегуларно?
ЕЛЕНА И АТАНАС – Оваа наша приказна е многу оддамна започната што ќе ни треба малку време да се потсетиме како поточно започна. Ако фолклорот се смета за спорт тогаш истата ја започнавме спортски. Врската ни започна во средношколските денови, но не и во средношколските клупи туку на пробите на играорна. Многу проби, концерти, настапи и патувања се заедничко поминатите моменти и основа на нашиот заеднички почеток. Двајцата сме играорци со голем играорски стаж од преку 20 години, како аматерски така и професионален кој е основа на нашиот спортки дух и дисциплина.

width=635

К4Т – Дали некогаш работите/тренирате заедно или секој си тера со посебни активности?
ЕЛЕНА И АТАНАС – Ако го земеме фактот дека мене моментално фитнесот ми е основна професија, а на Атанас секундарна, се трудиме во текот на неделата најмалку три тренинга да ни бидат заеднички. При изготвување на програмата за вежбање се надополнуваме меѓусебно и доколку има потреба, како на пример голем број на вежбачи и поквалитетен тренинг, заедно ги водиме часовите. Иако уживаме да работиме и тренираме заедно сепак обврските си го прават своето, па се случува да тренираме во различен период од денот.

width=635

К4Т – Дали и како се мотивирате меѓусебно ако западнете во летаргичен период?
ЕЛЕНА И АТАНАС – Лесно е кога двајцата сме заљубени во секојдневното тренирање, а уште полесна околност е фактот дека дома поседуваме комплетна опрема за функционален тренинг. Кога вежбаме за себе потребна ни е една минута да стигнеме до “вежбалната”, не сме врзани со термин и многу ретко имаме оправдување да не се направи квалитетен тренинг. Има моменти кога на некој од нас не му е денот за вежбање, но засега уште ни пали фората: “Ќе ме оставиш сам/а да вежбам?”. Често се предизвикуваме да извежбаме нешто за пократко време или поголем број на повторувања, неколку пати во месецот правиме тестови со кои гледаме кој и колку напреднал или ослабнал и Елена е секогаш таа која на сè може да најде замерки, да менува тренинзи и според нејзе “неизвежбано” да го заврши тренингот.

width=635

width=635

К4Т – Чија беше одличната идеја да се пробате на склекови и згибови во венчаница и сако?
ЕЛЕНА И АТАНАС – Убаво што на вас ви изгледа како одлична идеја бидејќи на многумина не им беше јасно како и зошто тоа би го правеле. Заедно со фотографот договоривме дека фотките би требало да го претстават нашето секојдневие и немаше дилема околу темата. Сакавме за време на фотографирањето да се забавуваме, да уживаме и да бидеме што поприродни, а нас тоа ни успева единствено со омилените алатки за тренинг.

width=635

width=635

width=635

← Назад кон архивата