Тренинг партнер – повеќе од дружба


Една од најдобрите одлуки кои можете да ги направите по донесување на одлука да започнете со тренирање е изборот на тренинг партнер со кој ќе тренирате. Постојат безброј студии кои покажуваат дека тренирањето со партнер или група гарантира дека ќе работите понапорно и подолго отколку што би го правеле тоа сам, а тоа значи подобри резултати и форма.
Здрава компетиција – Тренирањето во тандем или група ќе ви донесе чувство на натпреварување. При изборот на партнерот секогаш одберете некој кој е за нијанса подобар(поспремен) од вас. Тоа ќе ве натера да дадете се од себе во моментите кога вообичано би се откажале.
Економичност – Ако веќе сте дојдени на посериозно ниво и имате потреба од личен тренер, имањето на тренинг партнер значи дека ќе можете да ги споделите трошоците за заедничката цел.

Здравствени придобивки – Постојат се посериозни студии кои укажуваат дека дружењето со луѓе (партнер) кои имаат здрави навики и стил на живеење, ќе ве натера и вас да се позанимавате со овој неизбежен дел на спортскиот живот.
Дисциплина и посветеност – Кога работите со некого, тоа е време посветено на заеднички напредок и успех. Ќе бидете поредовни и пофокусирани на тренинзите бидејќи ќе бидете свесни дека некој чека на вас.
Како и во животот, одберете го тренинг партнерот внимателно. Одберете некој кој ја разбира вашата желба и пасија, некој кој ќе ве храбри и куражи и кој заедно со вас ќе работи на вашиот сон.