Вести

Откриена нова подводна пештера на Матка

width=635

За време на изведување на редовни активности во езерото и пештерата Врело, домашните нуркачи го забележале влезот од новата подводна пештера и решиле да го истражат пределот во кој се наоѓа. Влезот не се забележува лесно бидејќи е премногу скриен во околниот карпест предел и е многу тежок за влегување бидејќи отворот за влез е премногу тесен.

– И покрај тешкиот пристап успеавме да го совладаме и да влеземе во подводната пештера каде што се отвара голема галерија која се двои во два правци, односно два канали- изјави Гоце Димитриевски, сертифициран пештерски нуркач од Врело.

width=635

Експедицијата од нуркачи претпоставува дека постои меѓусебна поврзаност со Врело, поради непосредната близина на двете подводни пештери. Тие сметаат дека некој од внатрешните канали кои ги забележале при експедицијата е можно да водат токму до некоја од галериите на Врело.

– Во галеријата забележавме голем број на жив свет и подводна флора, што само ни налага понатамошно истражување и документирање- вели Даниел Атанасовски, сертифициран инструктор по нуркање од клубот „Акватек” и додава дека домашните нуркачи ќе подготват нова експедиција во која систематски ќе ја истражат структурата на формации и ќе документираат се што ќе пронајдат во новооткриената пештера.

width=635

Подводните пештери претставуваат природно богатство и привлекуваат како домашни така и странски посетители, а воедно носат и големи научно- истражувачки резултати и сознанија. Подводните пештери се често извори на чиста вода, којашто претставува само 2.5 проценти од вкупната водна површина на Земјата. Затоа водата во новата пештера ќе биде дополнително истражувана со понатамошните експедиции на нуркачите од „Акватек” и од „Врело”.

width=635

← Назад кон архивата