Аналогно си е аналогно и фраерско

Финската компанија ОМАТА лансираше Кикстартер проект за собирање на средства за изработка на сериозно добар (бар вака од слики и видео) аналоген брзинометар кој е првиот од ваков тип – аналоген екстериорно, а дигитален интериорно.
Филозофијата на дизајнери вели дека единствено најважните параметри при возењето велосипед заслужуваат да бидат перфектно прикажани во убаво спакувана аналогна форма бидејќи истата е многу полесна за читање и перцепирање од страна на човекот кој е целосно сконцентрира на возењето.

Затоа она што можете да го проследите со овој тип на брзинометар е брзината со која движите, изминатото време, висината која сте ја искачиле и дистанцата која сте ја минале, а позади аналогната школка сместен е дигитален процесор со ГПС кој дополнително ги следи овие активности и ви дава можност за целосно современа размена на податоци на крајот од возењето.
Во видеото погоре ќе го видите и професионалниот велосипедист Фабиан Канцелара кој им има помогнато во баждарење на алаткава „од прва рака”.
Моментално кампањата за краудфундирање е на помалку од месец до крајот, а веќе има собрано повеќе од 90 проценти за тоа што било потребно за да се отпочне производството. Лимитираната верзија која имаше втиснато сериски број е скоро отидена, па ако сакате да си пазарите и да ги подржите, тогаш клизнете едно 500че од картица.


