Флора-фауна

Природни алтернативи на енегетските гелови

width=635

Енергетските гелови се брза достава на јаглехидрати до потрошените гликогенски нивоа при подолга физичка активност како што е на пример трчањето полумаратон или маратон. Типично после 90 минути трчање, веќе на телото му е потребен јаглехидратен внес, а геловите се дизајнирани за да ги задоволат токму тие потреби. Голем дел од геловите се базираат на малтодекстрин, јаглехидрат кој потекнува од скробот, но заради процесот на обработка и додатоците за корекција на вкусот, мирисот и бојата, за некои вљубеници во долгите стази геловите претставуваат проблем. Ова се неколку алтернативи на енергетските гелови…

МЕД

Енергетскиот гел на античките Олимписки Игри, е мешавина од фруктоза и глукоза, малку Б6, манган, железо и остатоци од полен, доколку е нерафиниран. Исто така содржи и антиоксиданси кои ја намалуваат инфламацијата (воспалението), а во последно време се повеќе се зборува и за антибиотските ефекти на нерафинираниот мед. Бидејќи конзистенцијата му е слична со енергетските гелови претставува одлична алтернатива, а може да се купи и во мали пакувања или пак дома да го спакувате во „ziplock“ кесички. Две лажици мед (30 мл) ќе ви обезбедат околу 130 калории.

ЈАЧМЕНОВ И ГРОЗДОВ СЛАД

Или уште познати како малтекс и маџун се одлични сирупи кои може да ве одржат на нозе, преку обезбедување на добра доза шеќер во вистинскиот момент. Малтексот се добива од јачмен, а маџунот од благите сорти на грозје и се прави по традиционален рецепт во нашите лозарски краеви.

УРМИ

Одлична алтернатива во цврста форма се токму урмите. Богати се со шеќери, но и со витамини, минерали и диетални влакна. Дополнително, урмите можете да ги збогатите ако ја извадите семката, а на нејзино место вметнете бадем, орев (за протеини и здрави масти) или пак неколку зрна морска сол за подобрување на електролитниот баланс. Една урма која тежи 25 грами ви обезбедува 60 – 70 калории.

width=575

МЕЛАСА

Густа, темна смеса која се добива како остаток при производството на шеќер од шеќерна трска, а сепак има одлична калориска вредност, но и минерали како што е магнезиумот, важен за превенција на мускулни грчеви. 2 лажици меласа содржат 116 калории.

ЈАВОРОВ СИРУП

Јаворовиот сируп, како и медот, покрај шеќерите кои се негова главна компонента, содржи и електролити како калиум и натриум, но и манган и железо, кои даваат дополнителни ефекти кога сте на долга стаза. По конзистенција е потечен за разлика од геловите или пак медот, но по калории не заостанува. Две лажици јаворов сируп се извор на 108 калории.

← Назад кон архивата