Контролирана порција без вага и конверзија


Броењето калории на храна подготвена во домашни услови, кога ја немате онаа таблица на амбалажата, може да претставува досадна, демотивирачка и збунувачка задача. Решенија за овој проблем има одамна, некои меѓу нив дури и со ласерска технологија, но ништо не ја победува едноставноста и практичноста.
Холандската дизајнерка Ана Брули нуди токму едноставен и практичен начин за контрола на порција. Ана вели – „на луѓето им е тешко да пресметаат колку зеленчук треба да содржи порцијата, а дури и кога би знаеле дека тоа е 200 грама, како всушност изгледа тоа сервирано во чинија?“

ЕТЕ чинијата е поделена во сектори кои ја покажуваат препорачаната порција за зеленчук, протеини и скробни продукти како ориз или компир. Секторите исто така се преклопуваат во случај да изоставите некоја група. „Не мора да ја мерите храната за да знаете дека јадете според препораките“ – додава Брули.
Големината на чинијата е направена според истражувањата кои покажуваат дека помалку се јаде од помали чинии, а секторите според холандските препораки за балансиран оброк. Еден мал сектор е слободен, за полесно да ракувате со храната, а за дизајнерот е еден мал потсетник дека некаде, нечија туѓа чинија, е празна.

Уште една интересна работа. Чиниите се произведуваат во фабрика која вработува лица со посебни потреби, па така освен оние кои ја користат, полезност од производот имаат и оние кои ја произведуваат.