Адам Глигорoски на тренерска Олимписка обука за дигање тегови

Во соработка со Американскиот и Меѓународниот олимписки комитет како и со Меѓународната федерација за дигање на тегови (IWF), МОК ја обезбеди оваа нова олимписка обука и е еден од ретките олимписки комитети во светот, ако не и единствен, кој секоја година од почетокот на програмата испраќа тренери од Македонија на усовршување во Олимпискиот центар во Колорадо Спрингс (САД). Програмата започнува на 18 Септември 2014 година во САД, а ќе заврши со последниот модул заклучно со 3 мај 2015 година, во седиштето на ИОК во Лозана, Швајцарија кога нашиот тренер ќе полага пред тричлена комисија составена од претставници од ИОК, Меѓународната федерација за дигање на тегови и Американскиот олимписки комитет.
Предавањата ќе бидат насочени кон основите на спортскиот тренинг, дизајн и планирање на тренинг, идентификација на таленти, спортската медицина, спортски повреди, спортската психологија, нутрицизам, биомеханика, анти-допинг, изработка на микро, мезо и макро циклуси, темпирање на форма, спортски менаџмент, спортски маркетинг и слични содржини кои се неопходни за постигнување на врвни спортски резултати на еден спортист.
Проектот на Адам Глигороски, кој треба да го помогнат и Македонскиот олимписки комитет и Федерацијата за дигање на тегови на Македонија, ќе се фокусира на подобрување за тренерската инфраструктура и развојот на младите спортисти во дигање тегови во Македонија. МОК искрено верува во квалитетите на Адам Глигороски и го искажува своето задоволство што зад себе како најголем поддржувач го има Американскиот Олимписки Комитет и претседателот Лери Пробст III како еден од најголемите пријатели на Олимпизмот и спортот во Македонија.