Пролетни крстосници на Скопска Црна Гора

Она што човек можеше да го избере како рекреација и спортување овие планинарски крстосници на преубавата пролетна Скопска Црна Гора беше поделено во шест секции. Имаше спортско планинарски поход од некои 20 и нешто километри од селото Љубанци преку Црн Камен до селото Побожје, рекреативен планинарски поход со помала должина од 8 километри од селотот Побожје до селото Бродец, планински велосипедизам до врвот, планински мотокрос, алпинизам на врвот Црн Камен и параглајдеризам во неговата околина.
Организацијата беше на ниво, посетеноста исто така беше одлична, а нашиот тим ја посети спортско планинарската рута водена од чичко Спиро која што беше убав начин да се изужива во природата и убавините на оваа планина. Некаде под врвот, во колибата на чичко Спиро имавме можност да се вкрстиме со дел од останатите групи на чајче, а подолу во селото Бродец беше организиран ручек со вкусно гравче, ладно пиво и одлична музика.
Во целост, одличен начин како да се помине цел еден ден во природа со соодветно спортување и рекреирање и нормално, сето тоа пропратено со максимална доза на уживање.