Вести

Зимски Отворен Сквош Турнир 2014

width=635

Турнирот се одржа на терените на Сквош Центар во Скопје во организација на сквош клубот Винус од Скопје, со учество на 10 натпреварувачи. Освен Mакедонци, учествуваа и Aмериканец и Украинец. Турнирот беше организиран како хибрид од групен систем на почеток и елиминации од четвртфиналето натаму. Се разврзуваше за пласман за сите места, и сите учесници играа по 7 натпревари.

Оваа година, леворакиот Стефан Шишовски за првпат стана победник на едно сквош натпреварување во Македонија. Тој го надгради својот сребрен медал од премиерниот зимски турнир од 2013г. со победа од 3:2 над Кирил Сотировски во драматично финале. Во натпреварот за трето место, Ивица Кондев беше поконцентриран од американецот Марк Ласер (Mark Lasser) и победи со 3:0.

Финалето изобилуваше со долги поени, големи пресврти и одлична техника од двајцата финалисти. Трикратниот државен шампион Сотировски на два пати водеше, со 1:0 и 2:1 во сетови, и кога се очекуваше рутинско доведување на мечот до крај, расположениот и мотивиран Шишовски наоѓаше начини и сила да ја надомести негативата и да се избори за петти сет.

И во петтиот сет тој беше во значителна негатива од 7:3 во поени, но беше одлично психички подготвен и иако на крајот од силите, сепак славеше со 11:9. Главна карактеристика на финалето беше неговата упорност и ангажираност во сите поени, а често пати, иако поените ги диригираше противникот, Шишовски со одлична дефанзива и брзи контраудари одржуваше чекор и освојуваше важни поени.

width=635

На тој начин Шишовски на најдобар начин му се реваншира на Сотировски за поразот во групната фаза, кога иако водеше со 2:0 во сетови, сепак загуби со 2:3. После поразот од Павковиќ во минатогодишното финале по водство од 2:1 и неискористена меч топка во четвртиот сет, ова беше најубав доказ за неговиот голем напредок и на психолошки план. Мечот за трето место се одликуваше со тактичко надмудрување на Кондев и Ласер и нивна борба за заземање на централната позиција на теренот.

Кондев успешно изнаоѓаше начини да ја анулира доминацијата на американецот преку позиционата игра, најмногу со поголема агилност, но беше и истраен да не му дозволи на Ласер со таква игра сосема да му го одземе ритамот и позицијата. Иако победата е максимална во сетови, мечот беше изедначен и исцрпувачки за обајцата. Покрај Шишовски, за откритие на турнирот може да се смета и Кондев, кој има голем напредок, како кондиционо, така и на психолошки и на технички план.

Повремениот репрезентативец на Македонија има специфичен стил на игра со многубројни скратени топки, често пати беспрекорно изведени и за противниците тешки за предвидување. Турнирот во целост беше со многу изедначен квалитет, за што говори фактот што второпласираниот и третопласираниот од Купот на Македонија од ноември 2013г., Калеовски и Панев, кој е и вицешампион од минатогодишното државно првенство (април 2013г.), мораа да се задоволат со разигрување за петто и шесто место.

Во тој релативно изедначен меч, Калеовски победи со 3:1 и со тоа ја потврди победата од 3:2 над истиот противник во групната фаза на турнирот. Со освоено седмо место, резултатски потфрли и Златко Крстевски, кој беше четврти на Купот на Македонија за 2013г.

width=635

Турнирот ќе беше веројатно досега најквалитетниот одржан во Македонија, доколку немаше откажувања во последен момент на неколкумина солидни играчи од Македонија и од странство (Кире Крстевски, Ѓоко Петковски, Ѓоко Поповиќ, Коен Гриепсма (Coen Griepsma), Франческо Кото (Francesco Coto), Михајло Ристески).

Финале – Стефан Шишовски 3:2 Кирил Сотировски

Меч за трето место – Ивица Кондев 3:0 Марк Ласер

Полуфинални мечеви – Кирил Сотировски 3:0 Марк Ласер Стефан Шишовски 3:1 Ивица Кондев

Конечен пласман
1 . Стефан Шишовски
2 . Кирил Сотировски
3 . Ивица Кондев
4 . Марк Ласер (Mark Lasser)
5 . Бранко Калеовски
6 . Горан Панев
7 . Златко Крстевски
8 . Живко Котевски
9 . Андриј Коменко
10. Дарко Црвенковски

← Назад кон архивата