Флора-фауна

Традиционално зимско искачување на Титов Врв

Општо земено, сите кои отидоа да ја потрошат дневната светлина надвор од котлините викендот, во никој случај не згрешија. Условите за пешачење на Шара пак, не можеше да бидат подобри. Снегот беше оној од пред неколку недели и беше компактен, цврст и полесен за газење, облаци тешко дека се видоа тој ден, а за чудо немаше ни малку ветер. Со еден збор, се погоди убав ден за пријатно пешачење. 

Рутата за до Титов врв почнуваше од планинарскиот дом “Смрека” каде повеќе организирани групи тргнаа во временско растојание од неколку часа утрината. Од таму, качување на Церепашина до Антени, по сртот низ неколку попатни помали врвчиња, при крај на импозантниот Бакардан, и за на крајот како кисело млеко на Бакарданот да дојдеме до Титов врв и познатата кула. Убавини..

Горе беше фантазија а главна работа беше да пораниш, за да имаш повеќе време да уживаш во убавините. Некој го посети и врвот Турчин отспротива, а некој остана да ужива во погледот што беше на репертоарот. Назад до Попова, и секој своја борба…

Треба ли дополнителен мотив за да наредниот предновогодишен викенд да појдете до било која наша планина или врв?

← Назад кон архивата