Невегетаријански Е-бројчиња


Во Европската Унија постои правило, сите состојки употребени во производството да бидат наведени на амбалажата. За олеснување на примената на ова правило развиен е Е-системот каде Е означува, што друго ако не Европа, а бројот што се додава е код за некој додаток, прехрамбена боја, емулгатор и така натаму.
Многу од нив воопшто не ги посакувате во вашиот организам, а особено ако сте вегетаријанец и се држите настрана од храна со животинско потекло, сигурно не сакате едно Е-бројче да ви го уништи расположението и апетитот. Затоа следува листа на најчесто употребувани адитиви во прехрамбената индустрија кои се од животинско потекло и нивните Европски алијаси.
- Е-120 (кармин, карминска киселина, кохинеал) црвена прехрамбена боја, добиена преку мелење и дробење на хитинскиот скелет на еден вид инсекти Dactylopius Coccus. Барајте го во црвено пребоените слатки, кремови, сокови, декорации.
- Е-441 (желатин) ако сте веќе некое време на вегетаријанска исхрана сигурно сте слушнале и го избегнувате овој гелирачки агенс. Се добива од колагенот во коските или поткожното ткиво на свињата или кравата. Внимавајте на желатинот во желеата, гумените бомбони, фонданот за торта, па дури и млечните производи како кремови, павлака, јогурт.
- Е-542 (агенс против згрутчување) во основа е фосфатно соединение кое се добива од остаточните коски во месната индустрија, како и желатинот. Може да налетате на овој агенс во дехидрираните производи како млеката во прав, брашното, гранулираниот шеќер, сол.
- Е-631 и Е-635 (агенси за појачување на вкусот) динатриум инозиат и динатриум-5-рибонуклеотид се добиваат индустриски од рибино месо.
Често косата ни се крева од многу Е-бројчиња, но не дигајте паника секогаш. Иако често користени во пејоративна форма, Е-броевите понекогаш знаат да означуваат и здрави супстанци. На пример Е-100 е ознака за куркума лонга или куркумин, кој дава силна жолта боја, а се смета дека делува и антиканцерогено. Но сепак повеќето од нив ни прават штета и тоа што се затскриени зад кодови понекогаш ја отежнува ситуацијата.