Флора-фауна

Есенска перфекција на Караџица и Солунска

Тродневната посета на најдоминантниот планински масив во централна Македонија од страната на прекрасниот Планинарски дом Караџица одеше по стандардниот редослед. 

Петочки истовар кај рибникот под Преслап, во квечерина и ноќ пешачење преку селото Алдинци до домот, на вечера и сон. Сабајлето во 5:30 на нога и правец за Солунска Глава. 

Преку Споменик и Дуња на фасцинантното Бегово поле каде имавме пауза за појадок. Од таму нагоре до врвот каде уживавме во пространата глетка која ја поседува Солунска. Надолу до Враца на свежа вода, а дел од групата „тркна“ и под Јурукова карпа од каде извира Кадина река. 

По скоро ист пат назад и со малку помош од теренски возила до домот. Истоштени на планинарско гравче и плескавица за вечера која никогаш нема да се заборави.

Неделата беше резервирана за заслужен одмор и прошетка по избор на прекрасната Мумџица, можност до Кадина, Жаба или само уживање на видиковецот во домот.

Покрај сите херои од не многу големата група, Солунска успеа да ја искачи и Ване, шестгодишното детенце кое и после маршот од 30 и нешто километри имаше сила безгрижно да беснее. Како што не известија одговорните во базата на врвот, Ване успеа да стане најмладиот човек што ја качил Солунска и уште поважно, што ја издржа цела рута која ни малку не е лесна. 

← Назад кон архивата