Едно јаболко дневно ја загрозува докторската платa по учинок


Јаболката се до врв полни со нутрициенси кои се насочени против различни болести, вируси, настинки, цената по килограм им е многу пријателски настроена кон домашниот буџет, а и не скапуваат така лесно. Нешто како македонска домаќинка, се претвора во медицинска сестра кога децата и се болни, штеди пари, но сепак дома носи врвен квалитет и никогаш не настинува.
Јаболката ви овозможуваат одлична хидратација. Со 84% вода во својата содржина не само што можат да ја залажат гладта, туку и ја задоволуваат жедта. Сепак имаат многу ниска калориска вредност од околу 80 калории во средно јаболко, без маснотии, без холестерол и без натриум.
Сите тие настинки и вируси што не демнееат деновиве со осцилациите на температурата, може да ве заобиколат ако си се држите до дневната доза од едно јаболко на ден. Ц витаминот кој што ќе го внесете преку јаболката е важен бустер на имуниот систем. Освен тоа во лушпата на јаболкото се наоѓа и еден силен антиоксиданс кверцетин, фитонутрициенс со антиинфламаторен и кардиопротективен ефект.

Кога сме веќе кај лушпата, ако сте си купиле од блиското пазарче, вкусни органски јаболка никако немојте да ги лупите. Освен кверцитинот, во лушпата се наоѓа и најголем дел од диеталните влакна, битен елемент за намалување на холестеролот, намалување на ризикот од развој на шеќерна болест и подобрување на работата на дигестивниот тракт.
Изберете јаболка која на површината нема никакви видливи знаци на удар или пад, а кога ќе ја помирисате треба да можете да ја почувствувате нејзината свежина и сладок или киселкаст мирис. Јаболката остануваат свежи во фрижидерот и до неколку недели, но чувајте ги во пластична кеса, подалеку од храна со јак мирис, бидејќи може да поприми мириси.