Флора-фауна

Ситуациони вежби за обука и усoвршување на контранападот

width=635

Интересен е податокот кој вели дека процентуалната успешност на реализирани поени од контра напад во просек изнесува околу 60 до 80% (20-30 можни обиди за играње на контра напад по натпревар), овој процент најчесто е поголем од останатите проценти на шут со што ја потврдува оправданоста за негово користење и усовршување.

Основната цел на контра нападот е да се создадат услови за постигнување на лесни поени преку остварување на бројчана предност на офанзивните играчи во однос на одбраната во ситуации 1:0, 2:1, 3:1, 3:2, или поволни ситуации за игра 1:1 во транзиционата одбрамбена фаза на играта кога одбраната сеуште не е организирана.

Во тренажниот процес со младите категории во оквирите на групната и колективната тактика учењето и усовршувањето на контранападот е на прво место, што значи соработка помеѓу 2,3 и 4 играчи. Во почетокот на обуката акцентот се става поединечно на сите четири фази во развојот на контранападот:

  • 1. Фаза: освојување на топката,
  • 2. Фаза: изнесување на топката од рекетот (отворање на прв пас),
  • 3. Фаза: пренесување на топката на противничката половина и
  • 4. Фаза: завршница на контра нападот.

width=300

Во почетната фаза на обуката играчите најпрво би требало да ги научат линиите на движење (коридорите) преку користење на вежби без одбрана, а подоцна се преоѓа кон вежби во кои се поставува диктирана одбрана за на крајот во следната фаза да се прејде на ситуациони вежби во “хендикеп” услови (2:1, 2:1+1 ,3:1, 3:2, 3:2+1 и др. ) кои воедно даваат најдобри резултати во усовршувањето на играта.

Тренирањето и играњето на контранападот има големо позитивно влијание во формирањето и развојот на младите играчи од аспект на развој на нивните физички способности и психолошки карактеристики, поените постигнати од контранапад најчесто се поени кои во најголема мера го деморализираат противникот, создаваат чуство на супериорност во однос на противничката екипа и воедно ваквата игра е допадлива и привлечна за публиката но и за самите актери на теренот.

← Назад кон архивата